Поранешниот светски женски тениски рекет број еден Русинката Марија Шарапова е миленичка на навиачите, но не и на колегите кои во последно време постојано испраќаат навреди на нејзина сметка. Русинката, која наскора ќе се врати на тениските терени, откако беше суспендирана поради користење на допинг, прво беше навредувана од светскиот тениски рекет број еден Британецот Енди Мареј, а потоа навреди на нејзина адреса испрати и контроверзниот австралиски тенисер Ник Кирјос. Тие не сакаат организаторите на Ролан Гарос да и испратат покана за настап на Русинката, откако 15 месеци беше надвор од теренот поради суспензија

-Јас сум против сите врсти на допинг и играчите кои користат лекови мора повеќе да внимаваат. Не треба да зборувам за тоа што треба да се направи со оние кои мамат. Не гледам никаква смисла да се поддржуваат измамници, изјави Кирјос.

Шарапова уште пред да и заврши суспензијата доби вајлд – карти за настап на турнирите во Рим, Мадрид и Штутгарт, а незадовоството од ваквата одлука претходно го изрази и Британецот Енди Мареј.

-Мислам дека треба вистински да работите за да се вратите на терен. Сепак, повеќето турнири ќе направат се што мислат дека е најдобро за тој настан. Ако мислат дека големите имиња ќе привлечат повеќе гледачи, тогаш ќе ги повикаат, изјави Мареј.

Британецот не се согласува со потегот на организаторите кои на Шарапова и дадоа специјална покана заради медиумското внимание што го привлекува руската тенисерка и истакнува дека чека да види како ќе реагираат организаторите на Вимблдон.

-Шарапова ќе има можност да го поправи својот пласман дотогаш, но ако не успее, одлуката ќе биде на организаторите на Вимблдон и тоа ќе биде показател како тие ќе одиграат со „картите што ги имаат”. Сигурен сум дека добро ќе размислат пред да донесат одлука, луто изјави Мареј