Управата на Челзи ги осуди смртните закани упатени кон норвешкиот судија Терје Хауге по средбата со Барселона, која победи со 2:1 на првата 1/8-финална средба на “Стемфорд Бриџ”. Норвежанецот ги разгневи навивачите на лондонскиот клуб со исклучувањето на Асиер дел Орно поради стартот над Лионел Меси. Хауге го критикуваа и играчите на “сините”, но некои навивачи ја пречекорија линијата на нормално однесување со закани за смрт на форумот на клубот и на норвешките сајтови. Слични закани доби и Андрес Фриск по минатогодишниот дуел на овие два тима, кога гневот на навивачите го предизвика со исклучувањето на Дидие Дрогба во Барселона. Швеѓанецот сериозно ја сфати пораката на навивачите и се повлече од судењето.
Управата на Челзи брзо реагираше и ги симна пораките со таква содржина, а претставникот за печат ги осуди навивачите, кои ги испратиле тие пораки.
“Како и во случајот со судијата Фриск, Челзи ги осудува заканати упатени на судиите, играчите и навивачите. Проблем е што повеќето од овие пораки се потпишани со лажни имиња, па тешко ќе им влеземе во трага на вистинските инспиратори”, изјави портпаролот на клубот.