М6 бара јавно извинување од министерот Поповски за неговите крајно неаргументирани квалификации на сметка на компанијата и нејзините членови. Ако извинувањето во разумно време не се случи, М6 ќе мора да го побара тоа преку суд, при што воедно ќе бара и надомест на штетата по угледот на компанијата и нејзините сопственици. Ова се вели во вчерашниот одговор на сопствениците на ВВ “Тиквеш” по неделниот демант на Министерството за финансии за случајот со оваа винарска куќа.
Членовите на М6 не се изненадени од тонот и начинот на реакцијата на министерот за финансии во врска со нивните аргументи околу незаконските блокади на ВВ “Тиквеш”. Тие се сосема свесни за нивната позиција како граѓани на оваа држава кои одлучиле да инвестираат во неа, наспроти позицијата на господинот Поповски, како министер за финансии и власт во чии раце се и стапот и морковот.
За разлика од Министерството за финансии, кое наместо со агрументи се служи со навреди, М6 и “Тиквеш” немаат што да кријат, па затоа, на јавноста и на сите релевантни домашни и странски институции, уште пред 3 месеци им ја ставија на располагање целата документација за незаконските блокади на винаријата и процесот на нејзино купување од страна на М6.
Според неа, М6 преку Берза го купи доминантниот пакет-акции од ВВ “Тиквеш” за што плати вкупно 3,4 милиони евра – трипати повеќе од почетната цена на акциите. Колку за илустрација, “Југохром” беше продаден преку непосредна спогодба за 0,5 милиони евра на три годишни рати; Фени за 2 милиона евра со исчистени долгови и без вработени; Битолската пиварница за 1,5 милиони евра на 7-годишни рати, од кои ништо се уште не е платено.
Поповски и неговото Министерство, се вели во одговорот на демантот, ги навредуваат, не само членовите на М6 инвестициската група, туку и сите останати чесни бизнисмени во земјава, набедувајќи ги дека “своите деловни активности ги остваруваат врз грбот на државата и граѓаните на Република Македонија”. М6 и Светозар Јаневски никогаш не работат на штета на сопствената држава и нејзините граѓани. Но, дали тоа не го прави токму Министерството за финании? Го потсетуваме министерот Поповски, да го прочита конечниот извештај на Државниот ревизор за неговата работата во минатата година, во кој говори за ненаменското и незаконското користење на средства, меѓу другото, пишува: “Со непочитувањето на утврдените процедури и одобрувањето максимални дисконти при продажба и откуп на побарувањата од 95,56%, е нанесена материјална штета на државата во износ од 199.034.000 денари”. Невистинити се тврдењата на Министерството за финансии дека тие ги сервисираат сите обврски на ВВ “Тиквеш”. ВВ “Тиквеш” веќе подолго време инсистира да си го плати својот стар долг спрема државата, кој не е поради неплатени даноци или слични фискални побарувања. Но, наместо согласност тоа да го направиме со законски дозволени платежни средства, од Министерството добивме незаконска блокада на сметката на Тиквеш.
На ова експресно реагираше и министерот за финансии Поповски со контраодговор дека групацијата М6 се обидува постојано да се дефокусира од фактот дека на Република Македонија и должат половина милијарда денари, за што, впрочем, има и судско решение. Поповски во демантот прашува: Како може блокадата да е незаконска, а судовите и банките каде што ВВ Тиквеш е депонент да ја спроведуваат, или пак М6 сака да укаже дека сите работат незаконски освен нив? Очигледно е, констатира тој, дека оваа групација преку војна на зборови сака да ја избегне обврската за плаќање кон државата, и се обидуваат да прават политички притисок и преку сегашни високи државни функционери, со цел Владата да потклекне на нивниот притисок. Во врска со констатацијата изнесена за ревизорските извештаи констатираме дека повторно се изнесуваат дезинформации бидејќи ревизорскиот извештај за минатата година се уште не е направен, вели во интервентниот одговор Поповски. (В.Ц.)