Му “пакувале” на Пановски
Првичниот наод за незаконски набавки во вредност од 59 милиони денари на Фонодт за здравство е корегиран и сведен на повеќе од скромни девет милиони денари. Државната ревизија ги прифатила укажувањата на Фондот за здравствено осигурување на финансискиот извештај за работењето на националната здравствена каса во текот на минатата година, а бомбастичните обвинувања за “дебели” гревови се сведоа на неколку набавки, од кои повеќето се наследени. Ваквите измени во извештајот за фондовското работење во неговиот мандат вчера ги објави директорот Никола Пановски, обелоденувајќи го известувањето од Државниот завод за ревизија од 18 овој месец потпишано од директорот Методија Тошевски. “За разлика од пред два месеци кога наводните наоди за набавки надвор од законската регулатива беа објавени пред време, корекцијата по нашите укажувања се уште ја нема на веб-страницата на Заводот, а “тивки” се и медиумите кои тогаш со денови држеа тензија со наводното незаконско работење на Фондот”, истакна Пановски кој и натаму смета дека ништо не е случајно и дека “некој сакал да нанесе штета некому и да влезе во нечија игра”. Нему не му е јасно зошто Државниот завод влегува во такви шеми, особено ако се има предвид дека Фондот навреме им укажал на пропустите во ревизијата. Во вкупниот буџет на фондовски набавки, според Пановски износот од деветте милиони денари е повеќе од минорен, но и тој во најголем дел е последица на неколку наследени договори од неговите претходници. Укажувајќи на специфичноста на фондовското работење, директорот на Фондот потенцира дека и ревизорите увиделе дека се потребни одредени измени во законската регулатива за набавката како и на фактот дека во некои случаи не може да се тераат процедури. “Само за спасување на животот на едно дете лани се потрошени 20 милиони денари за набавка на неопходниот фактор 7. Детето е живо. Препаратот е обезбедуван во три наврати по барање на Детската клиника со потписи на тројца доктори”, објасни Пановски јавно прашувајќи како би постапил ревизорот во ваков случај.
Ристе НЕДАНОВСКИ