Англискиот суперклуб на рускиот милијардер Роман Абрамович, Челзи, соопшти дека му дава отказ на 25-годишниот романски напаѓач Адријан Муту, откако тестирањата покажаа дека се вистинити тврдењата дека шмркал кокаин. – Челзи го прекина договорот поради целокупното лошо однесување на Муту, а позитивните тестови на кокаин беа само капка што ја прелеа чашата. Сакаме да истакнеме дека нашиот клуб има “толеранција нула” кон фудбалерите кои земаат допинг, а така ќе биде и во иднина, се вели меѓу другото во соопштението на клубот. Како што пренесуваат англиските медиуми, Челзи се одрекол од можноста да заработи на обесштетувањето на Муту, кој минатата година дојде од Парма за 15,8 милиони фунти. Муту, најверојатно, ќе добие двегодишна суспензија, а тој е вториот фудбалер кој добива отказ од клубот. Пред две години, истото му се случи и на австралискиот голман Марк Боснич. Муту, по доаѓањето во Лондон постигна 6 голови на првите 5 натпревари, но подоцна нагло му падна формата, особено по доаѓањето на тренерот Мурињо. Тој го “тргна” Романецот на страна и на крајот побара да направи тест. Треба да се каже дека контроверзниот напаѓач одрекуваше дека земал дрога, а изјави дека “пробал некоја супстанција од која се чувствувал подобро”.