Владата на косовскиот премиер Иса Мустафа соопшти дека „не ни помислува” да потклекне пред критиките околу демаркацијата на границата меѓу Косово и Црна Гора.

Извори од Владата тврдат дека актуелната верзија на договорот за демаркација е во ред и оти тој наскоро ќе биде доставен за ратификација во Парламентот.

– Владата смета дека тоа прашање е добро прочешлано и она што е заклучено од двете комисии е дека граничната линија со Црна Гора е во ред и докуменот набрзо ќе биде доставен за ратификација во законодавниот дом, изјави советникот за политички прашања на премиерот Мустафа, Фатон Абдулаху,

Инаку, освен трите опозициски партии, Алијасата за иднината на Косово, Движењето „Самоопределување” и Иницијативата за Косово, кои од самиот почеток се противат на договорот за демаркација поради, според нив, отстапување на косовска територија на Црна Гора, од неодамна против спогодбата се изјаснија и пратеници од редовите на владејачкото мнозинство.

Според последните информации, кои ги пренесува електронското издание на приштинскиот весник „Експрес”, најмалку шест пратеници од владината коалиција јавно се произнеле дека ќе гласаат против ратификација на ова верзија на договорот за демаркација на границата со Црна Гора.