Тренерот Жозе Мурињо ќе си замине од клупата на Реал (Мадрид) на крајот од сезонава, пренесуваат шпанските медиуми. Трпението на претседателот Флорентино Перез кон Португалецот пресуши уште на 7 јануари, кога Жозе откажа да присуствува на церемонијата за доделување на “Златната топка”. Подоцна двајцата имале средба на која се договориле да се разделат по завршување на сезоната. За предвременото заминување Жозе Мурињо, кој инаку има договор до 2016 година, ќе добие 10 милиони евра отштета, пишува “Мундо Депортиво”.

“Кралевите” наредната сезона може да ја започнат и без уште една значајна фигура последниве години. Тоа е Кристијано Роналдо. Тој откажа да потпише нов договор со клубот и затоа според “Ел Паиз”, Перез ќе се обиде да го продаде на лето, кога неговата цена се уште е доволно висока. Сегашниот договор на португалскиот репрезентативец му истекува во 2015 г. Понудата од “Сантијаго Бернабеу” е за 50% зголемување на платата – до 15 мил. евра, но парите не биле проблемот на Роналдо, кој е незадоволен од односот на Перез кон него.

На негово место се набележани Бејл, Иско, Давид Силва и Неимар. Последниов, сепак, е речиси сигурно ново засилување на Барса. Според информациите во Каталонија Бразилецот е веќе купен и ќе пристигне на “Ноу Камп” уште на лето, но од раководството на клубот во тајност го чуваат трансферот.

Дел Боске: Стилот на Жозе е многу агресивен
Селекторот на репрезентацијата на Шпанија Винсенте дел Боске го определи стилот на Жозе Мурињо за “премногу агресивен”.
– Има многу различни фактори како карактерот и личноста на тренерот, кои го определуваат неговото однесување. Мурињо изгледа е еден многу агресивен тренер. Јас, напротив, сум поспокоен, изјави Дел Боске.

На брифингот со новинарите Дел Боске, кој е светски и европски шампион со “црвената фурија”, истакна дека неговиот поранешен клуб Реал (М) “нема потреба од него”.
– Не сметам дека тие имаат потреба од мене. Ние зборуваме за најдобрата екипа на 20. век и една од најдобрите екипи сега. Реал има исклучителна организација, што ја поддржува и Барселона, едно неверојатно ниво на игра, што сите сакаат да го гледаат, додаде Дел Боске.