Менаџерот на Челзи- фудбалскиот шампион на Англија, Жозе Мурињо во интервјуто за Би-Би-Си, изјави дека секоја недела му пишува информација на сопственикот на клубот Роман Абрамович, во која му ја објаснува селекцијата на играчите и своите тактички решенија. “Абрамович му го посакува најдоброто на клубот. Тој сака да знае како живее клубот. Тој треба се да знае и јас му пишувам и му објаснувам зашто сум одбрал едно или друго решение. Зашто не играл тој или друг, зашто Фереира е на позицијата десен бек, а Рикардо Карваљо е централен одбранбен играч. “Односите со Абрамович ни се фантастични. Се среќаваме секоја недела, зборуваме за иднината, за сегашноста, за неговата љубов кон фудбалот и кон клубот”, објаснува португалскиот тренер. “Абрамович го разбира фудбалот. Тој го сака фудбалот, дише со фудбалот. Тој сака да биде во друштво на фудбалски луѓе. Мислам дека е фантастично да разговарам со него, да му ги објаснувам работите и да ги споделам моите идеи”, додава Мурињо. Португалецот ја отфрла можноста Абрамович да го напушти Челзи. ” Тој многу го сака клубот. Не е од луѓето кои ќе го продадат клубот за неколку години”.