Неодамнешниот договор помеѓу хрватскиот и словенечкиот премиер Иво Санадер и Јанез Јанша, за тоа дека насипот на левиот брег на Мура, кој се протега на двете страни од границата, ќе се обновува заеднички, не прејудицира никакви граници туку е за добро на двете држави и на локалното население, а може да биде пример како соседите може да тргнат во заеднички договори, изјавила министерката за надворешни работи на Хрватска Колинда Грабар-Китаровиќ, пренесува загрепски “Вјесникè.
Постигнатиот договор за соработка во обнова на насипот преку конзорциуми на хрватски и словенечки фирми во склад е со Брионската декларација и со наодите на Бадинтеровата комисија, според која границите помеѓу државите настанати на подрачјето на поранешната СФРЈ се некогашните граници меѓу републиките. Генезата на најновиот граничен спор помеѓу Хрватска и Словенија влече корени од поодамна. Станува збор за насипот кој е изграден 1947 или 1948 година кој повеќе не ги задоволува условите за одбрана од поплави, што се потврди минатата година, кога целото подрачје беше поплавено.