Премиерот Владо Бучковски со своите министри вчера на двочасовната работна средба во ССМ, успеа да го убеди првиот синдикалец Ванчо Муратовски, Предлог-законот за работни односи денеска да влезе во владина процедура на прво читање. Сепак, се остава можноста за договорање и пеглање на ставовите најдоцна до 20. наредниот месец, кога социјалните партнери повторно ќе се сретнат за да се преслушаат дали експертските групи на двете страни, во меѓувреме успеале на вработените во земјава да им подготват “пријателски закон” како што инсистираат во Синдикатот, бидејќи како што велат оттаму, решенијата што се нудат со сегашната верзија на Предлог-законот за работни односи, се далеку од пријателски и не даваат можност за сигурност на работниците. Иако и Бучковски и Муратовски по средбата изразија задоволство од разговорите, сепак, како што дознаваме, ситуацијата и не била толку релаксирачка. За многу од забелешките што синдикалците ги имаат на одредени решенија во Предлог-законот, премиерот рекол веднаш да се коригираат, како што е на пример, работната недела да се прецизира на пет дена. -“Дефинитивно, интенцијата на Владата не е да ги скрати работничките права. Тоа ги уверивме со нашиот искрен пристап со елаборациите што ги имаше министерот за труд и социјална политика. За крупните прашања сме подготвени заеднички да излеземе во првата фаза, дури и со алтернативни решенија. Тоа е околу правата за штрајк, правото на арбитража и улогата на колективните договори. Другото многу полесно ќе го решиме ако за овие три постулати на кои почиваат правата и заштитата на работниците, во една отворена дебата, респектирајќи ги не само експертските мислења, да го направиме пофлексибилен пазарот на трудот, бидејќи тоа е една од забелешките што генерално ни ја упатуваат потенцијалните инвеститори што сакаат да инвестираат во земјава”, нагласи Бучковски. Иако премиерот ја изрази подготвеноста на Владата за отворање на процесот за измени на работното законодавство, Муратовски искажа резерва дека сепак “крајот ќе го покаже делото”. Тој се надева дека до 20 мај ќе се направи усогласување на текстот на законот кој потоа влегува во собраниска процедура и, би требало, до средината на јули да биде донесен од Парламентот.


Протокол за зајакнување на социјалното партнерство Со цел да го зајакнат социјалното партнерство меѓу Владата и ССМ, вчера Бучковски и Муратовски потпишаа протокол. Социјалните партнери се договориле да продолжат активностите за создавање услови за почнување со работа на одделението за социјално партнерство, како и во врска со склучување на Општиот колективен договор за јавните служби и претпријатија, државните органи и на локалната самоуправа. Било договорено да почнат преговори околу утврдување на најниската плата, да се формираат посебни трудови судови во рамките на реформата на правосудниот систем, а Синдикатот и инспекцијата на трудот континуирано да се ангажираат за спроведување на прописите за редовна исплата на плата, прекувремена работа и договор на дело.


Светлана БЛАЖЕВСКА