Градоначалници и други преставници од локалните самоуправи денеска во просториите на ЗЕЛС учествуваа на презентација на “Проектот за подобрување на социјалните услуги“. Презентацијата ја организираше Министерството за труд и социјална политика во соработка со Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Северна Македонија, а целта на настанот беше локалните власти детално да се информираат за можности за развој на социјални услуги во локалната заедница, согласно со потребите на корисниците. 

„Една од главните цели на проектот е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно со потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи на граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра, за период на имплементација од 5 години. Општините ќе може да аплицираат за Грантови наменети за проекти за развој на социјални услуги во локалните заедници, вклучувајќи непосредна социјална услуга, помош на индивидуа или семејство, домашна нега, лична асистенција, дневна нега, привремена грижа, мали групни домови, дневни центри и услуги за живеење со поддршка и други иновативни услуги во заедницата”, изјави Душан Томшиќ, од Министерството за труд и социјална полиика.

Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ, истакна дека ова е една одлична можност за поддршка на локалната власт во обезбедувањето на социјалните услуги за своите граѓани.
 
„Особено што доаѓа во момент кога ЗЕЛС заедно со Владата на Република Северна Македонија реализираат бројни активности за утврдување на можностите за продлабочување на процесот на децентрализацијата и пренесување на повеќе надлежности на локално ниво, меѓу кои и надлежности од областа на  социјалната заштита. Затоа ова го сметам како полезна обука за локалната администрација во насока на нивно подготвување како во иднина тие самостојно да  управуваат со овие  средствата и да реализираат проекти кои ќе обезбедат заштита на граѓаните од социјалните групи  во нивната средина“,  истакна Перишиќ.
 

извор: Makfax