Министерството за труд и социјална политика,согласно заклучоците, мерките и препораките на Владата ја известува јавноста дека следните 14 дена ќе биде прекинат воспитно – образовниот процес и наставата во сите детски градинки, центрите за ран детски развој како и во дневните центри на територијата на Република Северна Македонија, а вработените лица во овие институции ќе бидат ослободени од работа.

За спроведување на оваа мерка се задолжуваат сите државни институции и јавните претпријатија основани од државата, општините, ЈП и другите правни лица основани од општините и се препорачува на приватниот сектор, еден од родителите на децата до 10 години, што ќе бидат ослободени од обврската да одат во градинките или да ја следат наставата, да бидат ослободени и од обврската да ги извршуваат работните обврски и нивното отсуство за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот.

Се задолжуваат сите државни институции и јавните претпријатија основани од државата, им се укажува на општините, ЈП и другите правни лица основани од општините и се препорачува на приватниот сектор, времено да ги ослободат од работа и работни активности бремените жени и хронично болните лица.

Дополнително, на возрасните и повисокоризичните категории на граѓани со хронични болести им се препорачува да го намалат движењето и да го избегнуваат јавниот превоз.

извор: Makfax