Министерството за труд и социјална политика апелира до пензионерите да се придржуваат до распоредот за исплата на пензиите на шалтерите на банките. Само со одговорно однесување на секој пензионер, велат од Министерството, може да го заштитиме личното и јавното здравје. Почитувањето на препораките за носење лична заштитна опрема на лицето и држење растојание од најмалку два метра додека чекате во ред пред или внатре во банките, е во интерес на сите нас.

Министерството за труд и социјална политика потсетува дека почнувајќи од понеделник ќе се врши етапна исплата на пензиите на шалтерите на банките, според висината на пензијата и тоа за пензии до 11.000 денари, исплата во понеделник 27-ми април, за пензии од 11.001 до 14.000 денари, исплата во вторник 28 април, за пензии од 14.001 до 18.000 денари исплата во среда 29 април и за пензии повисоки од 18.001 денар, исплата во четврток, 30 април.