Банката на газда Нини вчера пак куртули од гувернерот. Македонска банка нема да се ликвидира, иако Јовица Стефановиќ-Нини, до вчера, (последниот ултимативен рок на гувернерот) не ги продаде своите 60 отсто акции што ги поседува во оваа Банка. Напротив, се што побара гувернерот од август до сега, за да остане доминантен сопственик, Нини оствари. Последното барање кое беше врзано со продажба на контролниот пакет акции до 31 јануари, ако не се обезбеди 50 отсто депозит од вкупната денарска заштеда на граѓаните која ја има Македонска банка, српскиот бизнисмен е на чекор да го реализира. Пред силата на аргументите, односно парите, првиот монетарец морал да отстапи и да го продолжи рокот за консолидација на Македонска банка.
Вчера на состанокот кај гувернерот Петар Гошев зад затворени врати, на разговор биле администраторот на Македонска банка Никола Кацарски, банкарот на Нини, и претседател на Управниот одбор на Македонска Љубомир Михајловиќ кои воделе неколку часови убедителен разговор. На него, според инсајдерски извори, е постигнат компромис, но за кои сите тројца си ветиле молчење за јавноста, до денес. Сепак “Вечер” од официјални извори од Кабинетот на Гошев дознава дека гувернерот бил задоволен од евидентното подобрување на состојбата во Банката,но побарал натамошно подобрување за да и го продолжи рокот за продажба на контролниот пакет на газда Нини. Оттаму потенцираат дека менаџментот исполнил дел од условите, но им се дадени нови мерки кои ќе треба во многу кус рок да ги исполнат. Тоа може да биде веќе за следните неколку дена.
Инаку, од август до сега гувернерот побара Нини да ја докапитализира Банката, што овој вешто го изведе без вложување на кеш, односно со откуп на побарувањата од ОТЕКС, Печатницата “Гоце Делчев” и други, за кој износ ги ослободи резервите и прикажа како профит од 2-3 милиони евра кои ги вложи во банката. И последниот предлог за депозит на денарската заштеда од околу 10-12 милиони евра, во износ од 50 отсто од заштедата, велат банкарски извори не е неостварлива работа. Имено, во секое време со реалокацијата на вкупното штедење во било која првокласна банка на Запад, Нини може да земе кредит колку што Гошев бара депозит и да му го задоволи овој услов. Ваквата игра на нерви, велат банкарите, не може да трае до бескрај, односно многу скоро гувернерот ќе мора или да го остави Нини раат да работи или со дебела аргументација да го тргне од Македонска.


Весна М.БОЖИНОВСКА Виолета ЦВЕТКОВСКА