На автопатот Гевгелија-Скопје, во попладневните часови на 17 март, на оддалеченост од 6 и пол километри после мостот Виничани се случи сообраќајна незгода во која учествувале комбе и двајца мотоциклисти.

Како што информираат од Основното јавно обвинителство Велес, при движење во ист правец на комбето марка „мерцедес спринтер“ со швајцарска регистарска ознака и двата мотоцикли, едниот мотоцикл со голема брзина го престигнал комбето.

Веднаш потоа другиот мотоцикл се удрил во комбето од што мотоциклистот паднал на коловозот, бил исфрлен на просторот меѓу банкините кои го раздвојуваат автопатот и починал на самото место.

Од страна на дежурен јавен обвинител во соработка со екипа на СВР Велес извршен бил увид на местото на настанот. Притоа биле фиксирани пронајдените траги и предмети. Надлежниот јавен обвинител издал наредба за вонреден технички преглед на возилата кои учествувале во незгодата – комбето и мотоциклот.

Издадена е и наредба за проверка на крв и урина кај 74-годишниот возач на комбето и за обдукција на починатиот мотоциклист, кој бил на возраст од 30 години. По несреќата биле земени и изјави од возачот на комбето и од мотоциклистот кој возел заедно со сега починатиот.

извор: Makfax