Египетски суд го осуди поранешниот претседател на оваа земја Мохамед Морси на доживотна казна затвор поради шпионажа, а шест други лица се осудени на смртни казни.

Судот го ослободи Морси од обвинението дека им доставувал на катарските власти доверливи документи, но го осуди на доживотна казна затвор поради водење на нелегалната организација Муслиманско братство.

Шестмината осудени на смртна казна, меѓу кои се двајца вработени во телевизијата Ал Џазира, се прогласени за виновни бидејќи за време на управувањето на Морси наводно изнесувале документи од секторот за национална безбедност до властите во Катар, како и на Ал Џазира, чие седиште се наоѓа во Доха. Тие се осудени во отсуство, а имаат право на жалба.

Морси во јули 2013 година е соборен од власта со државен удар, а веќе е осуден на смртна казна во друг судски случај.