Градоначалникот на општина Карпош Стефан Богоев денеска и официјално ја прими Декларацијата за отвореност, отчетност и транспарентност на локалната самоуправа во Македонија со која се обврзува, покрај поголема транспарентност да ги трасира патеките и на поголема достапност, интегритет, ефективност, секојдневно подобрување на стандардите и континуирано унапредување на процентот на граѓанско учество во одлучувањето и соработка со општината.

Декларацијата, како што соопштија од општината, на Богоев му ја врачи Лилјана Пецова – Илиеска, проектен координатор во Метаморфозис, која во оваа пригода информираше за резултатите од спроведениот мониторинг за компаративните предности и идните обврски што ги има Карпош во остварување на овие цели.

Општина Карпош се истакнува на планот на комуникациите со граѓаните на социјалните мрежи, што води кон поголема транспарентност и интерактивност, општината е отворена и достапна за граѓаните, во целост, транспарентно и достапно дава пристап за добивање информации од јавен карактер со сите потребни документи и обрасци. Она што останува за во иднина да се ажурираат нови документи во сферата на економскиот развој и работењето на Советот на сите нивоа.