Согласно заклучоците донесени на 15-та владина седница, кои се однесуваат на воведување дополнителни мерки во рамки на системот за заштита на јавното здравје поради ризикот од ширење на корона вирусот, Министерството за образование и наука информира образовните установи во земјата – основните и средните училишта, универзитетите и јавните научни установи, вклучително и ученичките и студентските домови добија нови насоки за постапување и истите стапуваат на сила од денеска.

Сите образовни установи го прекинуваат воспитно образовниот процес во следните 14 дена. Тоа значи дека учениците и студентите нема да посетуваат настава, а воедно во истиот овој период нема да бидат достапни за користење ниту просториите, односно услугите на државните студентски и ученички домови.

Истовремено, дадена е и насока за прекинување на посетата на сите воннаставни активности и други приватни активности кои децата ги извршуваат вон наставата (посета на воспитно-образовни активности, курсеви, дополнителни часови, спортски тренинзи и слично) во наредните 14 дена.

Сите вработени во основните и средните училишта се целосно ослободени од работните обврски. Административниот кадар во високообразовните установи, јавните научни установи и во ученичките и студентските домови имаат обврска да бидат на работа, со исклучок на хронично болните, бремените жени и родителите кои имаат деца со навршена возраст до 10 години. Препорака за наставниот кадар на високообразовните и научните установи е да оди на работа само во случаи на неодложни обврски – давање потписи, одржување состаноци и други тековни работи.

Во меѓувреме, Министерство за образование и наука во соработка со Бирото за развој на образованието и Центарот за стручно образование и обука, согласно одредбите од Законот за основното образование и Законот за средното образование, ќе подготват план за организирање на наставата за деновите кои нема да се работат.

„Исто така, информираме дека и понатаму на сила се препораките дадени на 26.2.2020 а кои се однесуваат на одложување на сите планирани патувања и екскурзии на ученици и студенти во ризични земји и региони посочени од страна на Светската здравствена организација, како и одржување на хигиената во просториите на образовните установи на највисоко ниво. Воедно апелираме и на континуирано следење на сите евентуално нови насоки и препораки кои ќе бидат давани од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата“, се вели во соопштението на Министерството за образование.

извор: Makfax