Монодрамата “Човекот од собата 7″ со актерот Сашо Тасевски, работена според дела од Достоевски, Борхес и Сјоран, адаптирани од театарскиот критичар во Вечер”, Борче Грозданов, е меѓу трите македонски претстави на 13 Фестивал на монодрама во Битола. Покрај монодрамата во режија на Ристо Алексовски, која на репертоарот е вечерва, од Македонија се натпреваруваат “Таа” во изведба на актерката Оливера Аризанова од Центарот за култура во Струмица, и “Јас Илија Димовски – Шаторо”, што ја игра актерот Трајче Ивановски од Прилеп.

Фестивалот беше отворен завчеравечер со претставата “Олово на перница” на Драмскиот театар од Скопје, која е надвор од конкуренција. Во делот од гостувачката програма, пак, ќе има и имиња како што се актерите Питер Тејт од Велика Британија со монодрамата Чудниот човек оди”, Ана Власов од Израел со “И бог ја создаде жената”, Николај Урумов од Бугарија со “Ласица”, Егзит театарот и актерот Рене Медвешек од Хрватска со “Контрабасот”…

Во конкуренција можат да се видат 12 претстави од 10 држави. Петчленото меѓународно жири, чиј претседател годинава е Бранко Ѓорчев од Драмскиот театар во Скопје, ќе додели главна награда Гран при за најдобра претстава во износ од 500 евра и статуетка, а ќе се доделат и награди за најдобар актер, најдобра режија и награда од публиката.

Мангите пијат чај
Со претставата “Мангите пијат чај” во режија на Коле Ангеловски Прилепскиот театар в недела ќе го затвори Фестивалот на монодрамата во Битола. Битолската публика ќе има можност да ја проследи најновата претстава на театарот и да ужива во интересната сторија за животните судбини на луѓето.