Можен и прекин на односите со САД!
По саботниот апел на премиерот Коштуница упатен до ОН да го сочува територијаниот интегритет на Србија кој е загрозен од заканите на САД, завчера тој му даде налог на амбасадорот на Србија во ОН Павле Јевремовиќ веднаш да ги извести сите земји-членки на Советот за безбедност, претставницте на Русија и ЕУ, како и тричлената Контакт група за Косово за отворената закана на САД, се дознава од Кабинетот на премиерот. Во пораката, меѓу другото, стои: “дека САД со спроведувањето политика на сила, директно се закануваат врз суверенитетот и интегритетот на Србија, што е најгруб начин за кршење на Резолуција 1244 и Повелбата на ОН”.
Аналитичарите сметаат дека е тоа увод во новиот политички курс на Коштуница кон земја која се осведочила како непријател на Србија, што може да ги доведе во прашање и дипломатските односи меѓу двете земји. Тие сметаат дека деновиве Србија е пред голема пресвртница, бидејќи Вашингтон искажал досега најжесток антисрпски став. Тоа пак “ги втерало в ќуше домашните прозападни струии”, чии лидери досега меко ги толкуваа американските закани. Ним, повеќе не им е оставен простро за каква и да е манипулација со избирачите.
“Српските политичари се во фаза на одлука која држава стварно може да им биде сојузник. Формиран е став дека државата мора да се сочува и по цена на прекин на дипломатските односи со САД и евроатлантските интеграции. Вината за преориентацијата не лежи во Србија, туку во Вашингтон кој упорно тврди дека еднострано ќе го признае Косово” – вели Милош Кнежевиќ, уредник на списанието “Национален интерес”.
“Сите досегашни потези се во функција на одбраната на земјата. Во тоа спаѓа и барањето Вашингтон и официјално да се определи кон заканите упатени од државниот секретар Курт Вокер. Ако САД се подготвени еднострано да ја признаат незавионоста на Косово, автоматски тоа значи дека новите преговори се само проформа што се коси со принципите на преговарачкиот преоцес” – вели портпаролот на Владата, Миливоје Михајловиќ.