Конзорциумот предводен од “Мајнел банк” кој е владин консултант во процесот на преструктурирање и приватизација на “Електростопанство на Македонија” на истекот на минатата година до Владата доставил прелиминарен извештај со предлози за модели и начини на приватизација на нашето најголема државна компанија. Што содржи извештајот засега не сакаат да кажат ни во “Мајнел банк” ни во Министерството за економија. Едните велат дека се работи за “државна тајна”, а другите дека додека истиот не го разгледа владината комисија за преобразба, па потоа и Владата, нема да даваат никакви информации. Од Министерството единствено најавуваат дека Комисијата по извештајот ќе расправа во вторник, а се очекува и Владата веднаш потоа да ја стави оваа точка на дневен ред. Според тајмингот договорен со консултантот, Владата треба до крајот на февруари да излезе со конечни ставови и заклучоци, по што ќе се утврдат и термините за другите чекори. Во оваа комисија имало дваесетина експерти од различни области. Во “Мајнел банк” велат дека Владата, пред се, треба да одлучи дали ќе го продава ЕСМ, и ако ставот биде позитивен, да реши што ќе продава. Повеќе информации освен оние веќе објавени дека начелно постојат три модели на продажба (во пакет, посебно производство – посебно дистрибуција и на сегменти) не се даваат и ќе бидат тајна се додека Владата не си ги дефинира приоритетите. Неофицијално се дознава дека во извештајот имало пресметки и анализи што ќе се добие ако се примени кој било од моделите, но Владата требала да реши што и е најважно – дали да добие повеќе пари или да задржи поголема контрола. Наједноставен модел бил да се оди во почеток само со продажба на дистрибуцијата, а посложен процес ќе бил ако паралелно со неа во пакет “отиде” и некоја централа. Владата за претприватизација веќе има земено кредит од ЕБРД во висина од 45 милиони евра, со обврска најдоцна до октомври да ја заврши и приватизацијата. Со оглед дека овој тајминг се поклопува со парламентарните избори што ќе ни се случат идната година, реално со продажбата би требало да се заврши до јуни идната година. Во меѓувреме, стигнаа информации дека Светска банка на Србија и препорачала да не го продава својот електроенергетски систем, поради лошите резултати кои со тоа се постигнати во други земји. Поради истите причини и Словенија, која продаде само неколку мали сегменти од својот систем, запре со продажба. Кај нас вакви препораки засега нема.


Зденка ПАВКОВИЌ