Македонската опера и балет годинава трипати ја зголеми продукцијата на претстави во однос на истиот период минатата година, најавувајќи и нови проекти во наредниот период, а следат и нови инфраструктурни зафати кои ќе ги подобрат условите во оваа национална установа.

“Ако лани за целата тековна година имавме околу 60 претстави сега за неполни два месеци, јануари и февруари имаме 30 претстави, што е рапидно зголемување на продукцијата која е во интерес на граѓаните. Тука станува збор и за операта и балетот и детските претстави”, истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска која вчера беше во работна посета на оваа национална установа.

Таа вчера најави и зафати со кои ќе се подобрат условите за работа на уметниците во МОБ.

“Системот за греење и ладење кој беше приоритет е завршен и даде голема заштеда, а ќе се реновира и големата сала, проект што ќе опфати промена на сите 850 седишта, подната структура и електричната инсталација. Ќе бидат нарачани и лед екрани кои ќе бидат во функција на програмата”, додаде министерката која посочи дека во план е и промена на светлосната опрема.

Таа посочи дека проектот за реновирањето на салата е изработен и во моментот се ревидира, а во март треба да биде распишан тендер за избор на фирма. Градежните зафати би започнало во јуни, а треба да завршат до крајот на септември.

Македонската опера и балет, според Канческа-Милевска го промени и логото кое е поставено во текот на месецот, а останува и санирање на фасадата, проект кој е планиран за наредната година.
Според директорот на МОБ Игор Дурловски, пак, со зголемена продукција е зголемен и приходот од продажба на билети, што дозволува и екстра продукции кои ќе можат да се финансираат од сопствени средства на установата.

“Од март планираме и сите наши каталози, спотови и трејлери за презентација пред публиката да бидат во ново руво. Секоја година ќе имаме нов начин на презентација, а годинава избравме да биде со анимирани филмови од 30-40 секунди и трејлери. Во моментов работиме и на три нови продукции во Операта и две во Балетот. Реновирањето на салата ќе биде голема можност на публиката да и обезбедиме комоција како во европските театри”, истакнува Дурловски. (Д.Т.)

Од годинава и “Мали мајски оперски вечери”

Македонската опера е во интензивни подготовки за Мајски оперски вечери. Годинава на репертоарот се 15 претстави од кои најголем дел за возрасни, но ќе има и дел Мали мајски оперски вечери, специјално за најмладата публика. Ова го најави Сони Петровски, уметничкиот директор на Македонската опера. Тој додаде дека љубителите на Операта ги очекува и реприза на Риголето, како и наменскиот концерт по повод празникот на жените, а оперските претстави ќе бидат претставени и во градовите низ државата. Во сабота во Битола ќе биде одржана Кармина Бурана, а потоа претстави ќе има и во Велес, Куманово и Штип.

Балетски пар од Лондон во МОБ

Според Олга Панго, уметничкиот директор на Балетот зголемена е и продукција на балетски претстави.

“Балетот сега месечно има по осум до десет продукции, заедно со детските претстави. До крајот на февруари ќе се одржи уште една претстава Жизел, овој пат со Мими Поп Алексова, а на 27 април е премиера на “Црвената соба” во кореографија на Игор Киров и на музика на Шуберт. За средина на ноември се подготвува и претстава за 25 години од уметничка кариера на примабалерината Александра Мијалкова, како и обнова на претставата “Снежана и седумте џуџиња#. Во декември Балетот ќе гостува во Берлин со “14 часа”. За 2017 година сме во преговори со големи светски балетски имиња и кореографи, а на Мајски оперски вечери за “Лебедово езеро” доаѓа балетскиот пар од Кралскиот национален балет од Лондон”, истакна Панго.