“Во последните неколку месеци сме изложени на непријателско однесување од страна на “Мобимак” и “Македонски телекомуникации” што започна со обвинувања и закани, диктирајќи ни кои од нашите корисници се прифатливи во нивната мрежа. Започнаа и со блокирање на интерконекцискиот сообраќај што беше поддржуван од нивна страна за време на периодот на монопол. Тие не можат да прифатат постоење на конкуренција на пазарот и да преземаат соодветни активности. Со тоа, ја злоупотребуваат својата доминантна позиција на пазарот”, велат од “Космофон” по обвинувањата упатени од “Мобимак” дека вториот мобилен оператор во земјава врши незаконски дејствија со тоа што пренесува огромно количество на дојдовен меѓународен сообраќај кон мрежата на “Мобимак”.
Од “Космофон” истакнуваат дека Агенцијата за електронски комуникации, и по неколку извршени инспекциски надзори, не констатирала никакви незаконски активности направени од страна на “Космофон”. Дури, како што велат, Агенцијата во неколку наврати им наредила на “Мобимак” и “Телеком” да престанат да го блокираат интерконекцискиот сообраќај, а оттаму постојано ги игнорирале наредбите од надлежните државни органи. Со тоа, потенцираат од “Космофон”, “Македонски телекомуникации” создаваат погрешна претстава во јавноста дека нивните линкови со “Космофон” се исправни и функционираат, а всушност, постои блокада на 60 отсто од интерконекциските капацитети.
Телекомуникацискиот пазар во Македонија е либерализиран и никој повеќе не треба да се однесува како монопол, истакнуваат од “Космофон” од каде ги отфрлаат обвинувањата на “Мобимак”, повикувајќи се на правото да ги преземат сите законски дозволени мерки за заштита на интересите на корисниците и угледот на компанијата.
Засега, Агенцијата за електронски комуникации побарала од Телеком, преку чија инфраструктура се остварува поврзувањето, да ги ослободи сите интерконекциски линкови за да може да се воспостави договорениот режим меѓу двата оператора, меѓутоа, лимитирање не констатирале.


Светлана БЛАЖЕВСКА