Владата на денешната седница, како што се дознава, треба да донесе одлука за распишување тендер за избор на трет мобилен оператор во Македонија. Предлогот доаѓа од Министерството за транспорт и врски кое има подготвено целосна информација за оправданоста на еден ваков чекор, во која меѓу другото се наведува, дека од една страна технички постои простор за вклучување на нов мобилен оператор, а од друга дека со тоа ќе се постигне поголема пенетрација на мобилни телефони во земјава, бидејќи, таа во моментов изнесува околу 35 отсто, а ќе се намалат и цените на услугите. Најавите се дека тендерот за нов оператор ќе биде распишан во март. Идејата за доделување концесија за трет мобилен оператор, велат нашите извори, била дел од програмата на Владата за либерализација на телекомуникацискиот сектор и за нејзина реализиација немало потреба од чекање да се донесе новиот Закон за телекомуникации (сега за електронски комуникации) бидејќи либеризацијата која ќе постои во фиксната телефонија ќе биде различна од онаа во мобилната, каде вклучувањето на нови оператори е врзано за техничките можности, односно за слободниот радиофреквентен спектар. Оттаму овде и натаму ќе се оди на доделување на концесии. Според наши информации на спектарот од 900 мегахерци, на кој моментално работат Мобимак и Космофон има слободен простор, а оној од 1900 мегахерци, пак, е целосно слободен, со тоа што кај него, поради поскапата технологија, обично државите даваат поевтини концесии. Двата сегашни мобилни оператори, според изјавите на челните луѓе на компаниите, не се за појавување на трет мобилен оператор. Според нив, за такво нешто нема доволно простор на домашниот пазар. Двата оператори моментално имаат околу еден милион претплатници, од кои “Мобимак” има околу 750.000 корисници, а “Космофон” – 250.000. Меѓутоа, за разлика од нив, општо е мислењето и во власта и во опозицијата, а и меѓу граѓаните дека со појавата на “Комофон” не се доби вистинска конкуренција, туку дуализам, така што и цените на телефонските услуги само минимално се намалија и се повисоки отколку во земјите, кои имаат по три и повеќе оператори.


Зденка ПАВКОВИЌ