Бордот на ФИБА Европа, во ноември 2002 година утврди нов систем на натпреварување за настап на ЕП 2005, во Белград, СЦГ. Вкупно 50 селекции ги “спакува” во две дивизии, при што беа земени предвид резултатите на репрезентациите постигнати во последните 10 години, вклучувајќи го и Европското првенство во 2003 година. Македонија се најде во дивизијата “Б” и сега преку квалификациите во групата “Д”, ќе треба да се бори за пласман во дивизијата “А”. Системот на натпреварување предвидува по одиграните шест кола во четирите групи ( 11, 15, 18 септември 2004, 3, 7 и 10 септември 2005) прваците да ги продолжат настапите во втората фаза во која ќе играат А1- Б1 и Ц1- Д1, во два меча, дома-гости ( 17 и 24 септември 2005). Подобрите во двата дуела ќе обезбедат учество во дивизијата “А”. Шемата за репрезентациите од дивизијата “А” кои ќе конкурираат за ЕП, идната година, е следна. Петте учесници од неодамна завршените ОИ во Атина – Италија, Литванија, Грција, Србија и Црна Гора и Шпанија обезбедија директно учество во Белград, а преостанатите 19 ќе разигруваат во пет групи (четири се со по четири селекции и една со три), по двокружен бод систем ( 8, 11,15, 18, 22, 25 септември годинава). Двете првопласирани од секоја група ќе имаат сигурна виза за ЕП 2005, а деветте преостанати ќе имаат уште една дополнителна шанса. Во трите новоформирани групи од по три екипи селекциите ќе играат по двокружен бод систем (20, 23, 26 , 29 август, 1 и 4 септември 2005) . Само победниците од нив ќе настапат во Белград, а последнопласираните три ќе се борат за опстанок во дивизијата “А” (11-13 септември 2005). Двете најслабопласирани ќе се преселат во дивизијата “Б”, од каде двете најдобри ќе направат чекор погоре. Еве ги имињата на селекциите во дивизиите, по групи: Дивизија “А” – Група “А”: Хрватска, Русија, Шведска; Група “Б”: Бугарија, Израел, Латвија, Португалија; Група “Ц”: Белгија, Германија, Унгарија, Украина; Група “Д”: Чешка, Франција, Полска, Словенија; Група “Е”: БиХ, Естонија, Турција, Холандија. Дивизија “Б” – Група “А”: Данска, Исланд, Романија; Група “Б”: Ирска, Малта, Словачка, Швајцарија; Група “Ц”: Албанија, Австрија, Белорусија, Кипар; Група “Д”: Македонија, Финска, Грузија и Луксембург.