Пациентите од одделот за дијализа во Чаир начелно се против концесионерството на дијализата. Иако тие оставаат простор дополнително да се произнесат околу концептот што го промовира министерот Владо Димов, откако ќе го видат на “хартија”, сепак нивните гледишта се многу поблиски со оние на нефролозите кои се изјаснуваат против концесионерството. Ова го истакнуваат членовите на здружението “Еуробубрег”, кои ја заговараат идејата во рамките на Клиничкиот центар да се изгради нов објект или, пак, во некој од постоечките да се преселат пациентите од “Чаир”. “Простор има, само потребно е некој да сака да се реализира”, вели Жарко Коларевиќ. “Еуробубрег” ќе се залага да се подобрат условите за дијализа, а според нивните оценки, состојбите во одделот во “Чаир” и по “реновирањето” се далеку од стандардите, има влага, подрумите се студени… Нивна заложба е да се обезбеди место на дијализа за сите пациенти во Скопје и да се укине практиката поради недостигот на капацитети скопските болни да мора да се дијализираат во Струга. (Р.Н.)