Организацијата „Млади за Македонија“, која стоеше зад дел од протестите против промена на името, на својата „Фејсбук“ страница објави дека започнува иницијатива за собирање на потписи за спротивставувачки, таканаречен „Татковински референдум“.

Целта на овој нов референдум, како што велат е да ги одбрани и трајно да ги заштити трите македонски црвени линии: уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитетот.

„Новиот Татковински спротивставувачки референдум ќе издејствува трајна заштита на уставното име на Република Македонија, македонскиот јазик и идентитет од правен аспект и со потребните поправки во законската регулатива ќе спречи такви манипулации во иднина. Бојкотирањето на нелегитимниот референдум најавен од Владата за есенва, ќе осигура немање на цензус за истиот, со што иницијатива пропишана со т.н. Преспански договор ќе стане правно невалидна. Бојкот на референдумот е иницијатива која е започната од Организацијата пред неколку месеци и активно доби поддршка од илјадници приврзаници ширум земјата“, се вели во соопштението на „Млади за Македонија“

Од организацијата додаваат дека во моментот, нивниот правен тим работи на прецизно формулирање на референдумското прашање кое би било насочено кон трајна заштита на уставното име на Македонија, македонскиот јазик и идентитет, во согласност со законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 81 од 27.09.2005 година.

Прашањето за референдумот организацијата има намера да го објави најдоцна во почетокот на август, а истиот најавуваат дека ќе биде спроведен ширум Македонија, но и во македонската дијаспора.

„За успешно свикување на Татковинскиот референдум ќе бидат потребни 150 000 (сто и педесет илјади) потписи на граѓаните на РМ, после што Владата ќе биде приморана да го распише овој референдум за заштита на Македонија“, велат од „Млади за Македонија“.

извор: Makfax