Тој бележи одлични резултати со тимот на Будуќност, со кој го осигура првото место по регуларниот дел од сезоната во АБА, што воедно беше знак за МКФ да го контактираат за можноста да го наследи Марјан Србиновски во националниот тим.

Како што јавуваат црногорските медиуми, комкретни разговори имало пред две недели, кога Павичевиќ со Будуќност му гостуваше на МЗТ Скопје. Двете страни разговорите ги оцениле како позитивни, оставајќи простор за нови преговори на оваа тема што би можеле да вродат со плод, а целосен договор да биде постигнат на почетокот од следниот месец.

Претседателот на МКФ, Петар Наумоски, најави дека сениорската репрезентација ќе добие нов селектор до средината на март, а Павичевиќ е еден од најсериозните кандидати за оваа функција. Наумоски и Павичевиќ своевремено играа заедно во дресот на Југопластика, тим со кој стигнаа и до европската круна.