Претседателот на Цибона, Александар Петровиќ, изнесе аргументи дека само Црвена звезда и Цедевита ги исполнуваат условот за учество во Евролига, и неофицијално отпатува за Париз, на промоција на ФИБА Лига на шампиони.

Ова значи дека АБА ја прифатила пондата од Евролига, шампионот да учествува во ова натпреварување во наредната натпреварувачка сезона, а уште три тима да се натпреваруваат во Еврокупот.

Македонскиот шампион МЗТ Скопје беше меѓу тимовите кои им дадоа поддршка на луѓето кои ја предводат лигата да ги финализираат преговорите во врска со потпишувањето тригодишен договор кој на АБА би и донел едно место во Евролигата и уште три во Еврокупот.

Ваквата одлука на регионалното натпреварување, во кое рамноправен член е МЗТ Скопје, би можела да донесе проблеми на домашна сцена со оглед на тоа што сега и официјало матичната федерација и актуелниот шампион имаат спротивни ставови во однос на војната на релација ФИБА-УЛЕБ. Македонската кошаркарска федерација (МКФ) пред неколку дена испрати писмо во кое јасно става до знаење дека е на страната на ФИБА, додека „металците” денеска го официјализираа својот став дека својата иднина ја гледаат во натпреварување кое ќе биде единствениот пропусен вентил кон засега најдобрите две клупски натпреварувања на Стариот континент – Евролигата и Еврокупот.

Но,со огледна тоа што во моментов апсолутно ништо не е јасно околу иднината на европската клупска кошарка ниту, пак, како воопшто ќе се заврши војната на големите, тешко е да се очекува дека би можело да дојде до некакви проблеми помеѓу МКФ и МЗТ Скопје, особено што примарна цел и на едните и на другите е – развој на македонската кошарка.