Она што ние го бараме да видиме како ќе добиеме најдобар начин гласот на граѓаните да биде заштитен и валоризиран. Тоа е суштината кога имате демократија да видете, да најдете како на оптимален начин ќе имате функционален систем каде што граѓанинот одлучил да го даде својот глас ќе биде валоризиран од страна на политичарите и затоа ние дадовме предлог добро нека бидат 120 изборни единици по принципот на врвните демократии како што е британската, кој има најмногу гласови во првиот круг во една изборна единица тој да стане пратеник, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Телевизија Шења.

Мицкоски потенцираше дека тој е убеден во победа на предвремените парламентарни избори коишто се закажани за 12 април идната година бидејќи тоа говорат и анкетите.

-Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ влегува како фаворит, а тоа го говорат и анкетите и нашите интерни но и оние кои што беа објавени во јавноста дека победата ќе биде најмалку 100.000 гласови во однос на СДСМ, рече Мицкоски.

Тој изјави дека кадровските решенија на партијата имаат сериозни биографии и портфолија кои гарантираат работа за интересите на Македонија и многу реформи за подобар живот.

ВМРО-ДПМНЕ е најголема партија во Македонија, има голем кадровски потенцијал, ние не можеме по периоди да ги делиме луѓето во партијата. Она што е важно е дека секој од нив треба да даде максимум за она за кое што ќе биде номиниран и она за кое што ќе му биде дадена шанса. Но, ќе има многу луѓе кои што ќе бидат експерти надпартиски луѓе, кои што не поминале во структурите на партијата но затоа имаат сериозна биографија и лично портфолио да гарантираат дека ќе работат за интересите на Македонија и дека ќе направат многу реформи за подобар живот во Македонија, потенцираше Мицкоски.

Тој истакна дека тоа е она врз основа на кое партијата  ќе прави кадровски селекции, луѓето да се компатабилни, конкуренти и дали тие луѓе се подготвени да работат чесно, честито, професионално да бидат отчетни и нула толеранција за криминалот и корупцијата.