Овој наш протест овде денес е повеќе од партиски, овој наш протест е на народот против лошите политики кои носат лош живот и урнисано достоинство. Заедно заедно ќе победиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на протестот пред влада.

-Би сакал само уште четири пораки во ова мое денешно обраќање. Првата порака е до политичарите кај нашиот источен сосед. Ако мислите дека измисливте, пронајдовте или подржавте квинслинг или квинслиншка влада овде во Македонија, се лажете, ниту тој квинслинг, ниту оваа квинслиншка влада од нашата колективна меморија и од нашите срца ќе ја избрише улогата, ликот и делото на Даме, на Гоце, на Питу, на Хаџи Арсов, на Хаџи Николов, на Поп Арсов затоа што тие се бореа за нова современа македонска држава, истакна Мицкоски.

Затоа оваа порака ја упатувам до политичарите кај нашиот источен сосед,, наместо да велите дека Мицкоски предводи анти-бугарска хистерија во Република Македонија, најдобро би било да дојдете овде при првата посета недалеку од зградата на Владата, пред оној споменик на паднатите борци од народноослободителната борба, да клекнете, да го следите примерот на Вили Брант и да се извините на овој народ тоа што сте му го направиле, ова е вашата последна шанса. А јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ предводам Македонска хистерија и нема да престанам да ја ширам таа македонска хистерија, додаде тој.