Четири клинички центри, реконструкција на болници и повисоки плати во здравството, најави денеска предизборно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на капитален проект за воспоставување на национална мрежа на 4 нови клинички центри што ќе подразбира нов квалитет во македонското здравство. За првпат досега интегриран систем од 4 клинички центри и тоа: Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“; Универзитетскиот Клинички Центар „8 септември“, кој што практично планираме да го трансформираме во Клинички Центар кој е планирано да работи под административна капа на Клиничкиот Центар „Мајка Тереза“; воспоставување на Универзитетска клиничка болница Штип што ќе опфати подигнување на нивото на сегашната болница; воспоставување на Универзитетска клиничка болница Тетово“, рече Мицкоски.

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат и обнова која ќе опфати реконструкција на болниците во Велес, Кичево, Струмица, Струга и Битола, реконструкција и модернизација на Универзитетска клиника за Хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Скопје, односно Градската Болница, како и нов модерен ургентен траума центар.

Како што кажа Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ по победата на изборите би обезбедило 20 отсто повисоки плати во здравството за сите.

„Предвидуваме линеарно во еден четиригодишен мандат континуиран раст од вкупно 20 отсто на платите на лекарите, стоматолозите, средниот медицински персонал и техничкиот и административниот персонал“, рече Мицкоски.

Истовремено, додаде првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш во првите 100 дена планираат да интервенираат во законот, каде што ќе се овозможи на медицинскиот персонал, лекарите, техничкиот персонал заедно со лекарите да можат покрај услугите кои што ќе ги даваат во државното здравство, да даваат услуги и во приватното здравство. И обратен процес, да може лекарите кои што даваат услуги во приватното здравство да можат да даваат услуги во државното здравство.

Меѓудругото, Мицкоски најави и ревидирање на позитивната листа, односно повеќе бесплатни лекови за ранливите групи, како и целосна дигитализација на рецепти, упати, извештаи и резултати. ВМРО-ДПМНЕ се залага и за зајакнување на дежурните служби и итна медицинска помош, а дел од ветувањата е и ослободување од административни процедури на матичните лекари.

„Се обврзуваме на обнова преку која ќе изградиме Здравство ориентирано кон пациентите. Затоа ќе донесеме Национална здравствена стратегија заснована на следните постулати: Зајакнување на јавното здравство – заради тоа што лекарите и здравствените работници треба да останат во Македонија и тука во јавното здравство; Зајакнување на примарното здравство, стоматологијата и превентивата; Оптимизација на здравствениот систем, ориентиран кон бенефит за пациентот; и конечно Нулта корупција во здравството, која што ќе опфати како заклучок Интегрирање и функционално реорганизирање на здравствените единици“, додаде Мицкоски.

извор: Makfax