Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за неделникот ФОКУС одговараше на прашања за актуелната политичка ситуација во Македонија. 

ФОКУС: Откако СДСМ дојде на власт во Судскиот совет, Совет за обвинители, судството, обвинителството, се истите луѓе коишто работеа и претходно. Зар претходно истите судии и обвинители самостојно работеле? Слушавме претходно и во „бомбите“ како се бираат судии и се нарачуваат пресуди.

МИЦКОСКИ: Видете, прво човек којшто имал проблеми со законот не може да спроведе надежна реформа во правосудството. Јас не сум бил градоначалник и не сум барал мито од Мирчо Свињарникот и за Црквата. Друг го правеше тоа. Јас не сум учествувал во изградба на трговски центри, а потоа да бидам аболиран од претседател. Ние не можеме од политичари коишто имале проблем со законот да очекуваме да бидат реформатори. Јас сум човек што нема никаква концесија кон никого во животот. И прва работа што ќе се зафатам е длабока, сериозна реформа во правосудниот систем.