Без заобиколување и долги воведи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ХРистијан Мицкоски го започна говорот на собирот во салата „Јане Сандански“, пред Скопјани, со, како што рече, главните поенти: „ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, ќе победиме заедно, силно и обединето“.

Уште само 13 дена Заев е премиер и никогаш повеќе. Тоа значи еден чекор кон целта, а конечниот крај на оваа власт, што ќе значи победа на нардот, доаѓа за помалку од три и пол месеци, рече Мицкоски.

Тој потсети на трите години долги колку триста години под власта на СДСМ и на штетата што ја направила оваа власт.

Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12 април, а јас знам каков ќе биде. Следи громогласно ехо на народот, силен татнеж на обесправените, осиромашените, на измачениот народ, на оној чиј образ пробаа да го извалкаат, чие достоинство го тргуваа, чија кичма ја виткаа како да е нивната. Излегува народот, македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои се креваат, а Македонецот кога бил сложен и обединет, поместувал планини. Така ќе биде и овој пат. 12 април е тој ден, денот на одговорот. Македонскиот референдум, нашиот 8 септември. Денот “Д“ кога народот одлучува, а таа одлука значи победа, победа на Македонија, заедничка, силна, исправена, рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека е сигурен во победата не само затоа што анкетите го зборуваат тоа, туку и за тоа што му верува на народот. Мицкоски потсети на Разговорите за обнова на Македонија, на кои одблиску се запонавал со проблемите на обичните луѓе, но и со нивната искрена желба за промени.

Проблемите немаат вера ниту нација, тие се заеднички затоа што и тешкиот живот е заеднички. Има страшна подвоеност, една застрашувачка одлепеност на власта од реалноста. Го знам секој трепет и секоја страст за промени кога говоревте со мене. Многу добро ги знам проблемите и личните голготи кои ги преживеавте. На Горан од Струмица, Марија од Битола, Трајче од Вевчани, на Бесим од Гостивар, Томе од Куманово, на Диме од Охрид. Ги запаметив добро проблемите кои ги живеете за да дојдеме до решенијата кои ви требаат. Ја гледам вашата одлучност, и ја разбирам вашата разочараност. Но, и го знам одговорот на вашите проблеми, и знам дека оваа влада ја помина секоја црвена линија, но исто така ја гледам вашата искреност и желба за промени, тоа се гледа во стисокот на вашата рака, во отворените очи кога се поздавувате, од воздишките поради тешкиот живот, прегратката која кажува дека сега е време за дејствување. Затоа што и покрај сите порази кои во себе го носат името и презимето Зоран Заев, на Македонија ѝ требаат победи, а нашиот народ е победнички, и тој секогаш врвел низ најтрновитиот пат, низ најтешкиот и најдолгиот пат, но на крај победувал. И ретки се тие прилики кога треба да се биде гласен, а сега е тоа време. И ги видовме и кој се, и што се од оваа власт и колку не чинат, и на што се се спремни за да останат. За нив денот поминат на власт, значи повеќе пари, а за народот поголема сиромаштија, рече Мицкоски.