После 5 недели кампања, меѓу првиот и вториот круг, по поминати повеќе од 13.000 километри низ Македонија, можам да заклучам дека денеска е денот кога граѓаните треба гласно да зборуваат со пенкалото во рака, позади гласачката кутија дали се ЗА секојдневие кое го уредува власта предводена од Зоран Заев или за правдата којашто треба да ја победи целокупната неправда, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по гласањето.

Изборниот ден претставува свечен ден и покрај сите неправилности и нерегуларности. Добивам информации од терен дека имаме низа случаи во текот на денот и ќе има неколку вондредни прес-конференции. Очигледно дека властодршците на Зоран Заев не мируваат и сакаат на насилен пат да се избере претседател на Република Македонија, рече Мицкоски.

И покрај сите тие злоупотреби и покрај сите тие притисоци, и покрај сето она што се случуваше изминативе денови, а особено полициката опсада во Охрид и Ново Село, ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Сиљановска Давкова ќе победат денеска и Македонија денеска ќе добие првата жена за претседател, рече Мицкоски.