Државата е влезена во слепа улица, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот собир од Разговорите за Македонија, кој денеска се одржува во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“. Тој ги потсети присутните на скапите спотови со кои власта се обидува да создаде розова илузија за состојбите во Македонија.

Секој човек добро знае зошто се рекламираат и фрлаат во етерот стотици илјади евра за спотови со лажна содржина. И да не се залажуваме, пари имаат, било да се рекетирани, криминални или лажни, пари имаат. Ама работата е што не се нивни, тоа се ваши пари во нивни раце, заработени без мака и пот, на ваш грб. И фрлаат пари на спотови затоа што не им оди работата, затоа што ги има фатено таква паника од пораз што можеби еден ден ќе го видиме Заев со прочуената Луј Витон ташна како дели пари, ама зошто кога пустото му лепи раката, така ќе остане и тогаш. Сигурно тие пари ќе бидат фалсификувани бидејќи не му се троши од купот кој го направи овие години. И кога ќе бидат разобличени, ќе удрат со боксови по народот… А Трнодол и не е толку далечен пример, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата потсети на извештајот на УНДП, според кој општеството на еднакви можности кое го ветуваше Заев не е еднакво и се наоѓаме на дното во Европа, во друштво на Оман и Тринидат и Тобаго, а по невработеност на млади сме исто така на дното во друштво на Либија, Свазилен и Боцвана.

Ете ги тие прочуени европски вредности во кои Заев не убедуваше. Секоја негова политика доживеа болно разобличување. Се сеќавате само колку лаги истураше дека сите други биле антизападни, а тој бил Европеец. Ете гледаме колку е Европеец што Македонија уште е заглавена во корупција и криминал, а датум за преговори нема. Секоја година, три години по ред ги прогласуваа за економски години, и три години економијата тоне уште повеќе. Европската унија е надеж, но Европската унија мораме да ја заслужиме со работа, а не да чекаме како Заев што чека, да не наградат затоа што сме го продале идентитетот и така да мислиме дека ЕУ и Западот ќе толерира криминал, Рекет 1, 2 и уште колку ли продолженија, ќе толерира вирус, криминални уништувања на инсулин, кеш исплати за СЈО, сведоштва за превземени бизниси, криминални исмпумпувања преку фиктивни фирми и тајкуни како што е ТЕ-ТО. Ќе толерира пратеници со психотропни супстанци, градоначалник насилник и што уште не, само поради тоа што Заев го смени името. И овие случаи се повеќето без истрага, а камоли обвинителен акт. И уште пострашно, овие се во рацете на корумпирани судии и обвинители, под контрола на власта, рече тој.

Поважно од тоа да се зборува постојано за ветинг, рече Мицкоски, е да се отстрани причината поради која ни треба ветинг, а тоа да се тргнат рацете на политиката од судството.

На секој тргнат судија или обвинител ќе го имате повторно Заев кој ќе најде нови слуги, нови Катици, Рускоска и Кацарска. Време е да се тргне Заев од местото премиер и да направиме систем. И ако мисли Заев дека ЕУ ќе го толерира сето ова зошто го смени името, се излажал. Ова не се вредностите кои ни требаат. Ова не се ни вредности, тоа се причините за нашите проблеми, рече Мицкоски.