Пред полната сала „Јане Сандански“ претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на завршниот митинг од Разговорите за обнова на Македонија се осврна на својата визија за обнова на Македонија. Иако свесен дека народот е разочаран од политичарите, тој нагласи дека сите политичари не се исти.

Не сакам и нема да дозволам моето име да се поистоветува со луѓе кои го изневериле народот. Ќе видите. Давам збор дека ќе биде поинаку, подобро, затоа што може подобро, вие заслужувате повеќе, а Македонија заслужува подобро, рече тој.

Ќе донесам правда. Правдата која ќе стане наш заштитен знак, наш бренд нејм. И колку сега сме обвиени во неправда мојот мотив е уште посилен да се спротивставиме на мафијата и оној трул систем кој не влече надоле. Затоа што имаме неправда, пред се кон обичниот народ кој е заглавен низ судските лавиринти, кој трпи не само законска туку и морална неправда. Не смее да имаме невини луѓе во затвор, патриоти кој се таму само затоа што ја сакаат Македонија, да имаме по затворите луѓе кои ограбиле трафика со повисоки казни од оние кои го ограбиле народот. Да имаме на слобода криминалци кои не се појавуваат во општеството како криминалци тука како успешни деловни луѓе, а се обогатиле на грбот на напатениот народ. Не браќа и сестри, тоа не може веќе така. Доста е. Нема малку или многу правда. Таа е апсолутна, таа е единствена и безмилосна. И еве тука сите вие и ви велам дека мора да биде така, да се избориме за правда, затоа што ќе немаме друга шанса. Правдата пред и над се.

          И точно знам што говорам и знам дека ова е голема обврска, знам дека по преземањето на власта вие што сте блиску до мене сега, ќе има такви кои ќе се изгорите од мечот на правдата зошто сте нанеле неправда, и ви кажувам сега за да знаете дека нема да има изговори утре колку и тоа да било болно за нас, одговорност мора да има за секого. Правдата значи и одговорност, одговорност за секој направен престап, за секое огрешување кон законите и посрамување пред граѓаните. И тоа мора да го знаат сите функционери сега од оваа власт на Зоран Заев, Заевова власт. Но, потсетам треба да знае и самиот Зоран Заев и тука амнестија не му помага. Но тоа треба да го знаат и сите идни функционери во новата влада на ВМРО ДПМНЕ.

          Нам ни требаат принципи. Јас верувам во принципи. Принципите се правила кои не дефинираат. Кои не разликуваат од другите. И знам дека сите вие мислите дека политиката е непринципиелна работа, а ова ваше мислење е такво зошто влечете искуство од сите претходни 29 години независност. Јас ќе ви кажам дека во политиката има принципи иако политиката до сега во Македонија не беше таква. И ние заедно со тие принципи ќе ги донесеме, воведеме и зацврстиме принципите во Македонија.

          Не смее некој да има приоритет, а способните, вредните и најквалитетните да бидат на дното на листите на приоритети. Најквалитетните на врвот на листата на приоритети. Принципи!

          Не смее повеќе на политиката да се гледа како извор на богатење, затоа ќе донесеме закон за испитување на потекло на имотот на функционерите и нивните семејства. Да видиме кој се збогатил со труд, а кој со крадење, а украденото оди назад кај граѓаните, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.