Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција порача дека доколку премиерот Зоран Заев во преговорите со Бугарија го одбрани националниот интерес, лично ќе му честита. Во спротивно предупреди Мицкоски, истиот ден на Заев ќе му се случи народ.

– Сакам ова да го потенцирам, ако Владата постигне решение, внимателно ќе повторам ако владата постигне решение недвосмислено заштитувајќи го нашиот македонски јазик и неговата антропологија и историја, ако владата постигне решение а притоа да не се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако владата постигне решение во кое што ќе ги заштити историјата, имињата и жртвата на дејците кои што животот го положија за независна македонска држава, ако владата постигне решение во кое што нема окупаторите да бидат административци, тогаш јас ќе бидам првиот кој што ќе застанам овде пред вас и ќе им честитам и ќе им ја стегнам раката, и ќе им речам секоја чест ги запазивте и одбранивте македонските национални интереси, рече Мицкоски и додаде:

Но, во исто време предупредувам, ако владата се обидува да преговара за решение кое што ќе го негира нашиот идентитет, историјата, антропологијата на нашиот македонски јазик, неговата посебност, во кое што ќе ги понижи жртвите на македонските дејци кои што се бореа за независна македонска современа држава, ако во исто време преговара за решение со кое што ќе се откаже од македонското малцинство кај нашиот источен сосед, ако во исто време преговара за решение кое што подразбира дека окупаторот бил административец, тогаш јас ви ветувам ќе им се случи народ истиот ден низ цела Македонија. Овие неколку дена се многу значајни со разговорите со нашиот источниот сосед, а нам искуството со оваа влада ни вели дека мора да се биде претпазливи.

Тој уште еднаш апелираше до Владата на Заев како свој прв приоритет да ги постави заштита на националните и стратешки интереси и да постигне решение не по цена на самоодрекнување и бришење, туку решение кое ќе биде гарантор на идентиетот, јазикот и виза за непречен почеток на преговори со ЕУ.