– Денес заседаваше Централниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ при што едногласно ја усвои листата на кандидати за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, информираше на прес-конференција Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој додаде: „Можам да соопштам дека ВМРО-ДПМНЕ излегува на овие избори со огромен број на нови имиња, свежи кадри, и врвни индивидуи кои се обединуваат околу нашата мисија за обнова на Македонија. Можам да соопштам дека идниот пратенички состав, а потоа и идната влада ќе ја сочинуваат најголем број на нови лица досега, докажани индивидуи. ВМРО-ДПМНЕ е новата надеж и идната победничка опција околу која се врзува целокупниот кадровски потенцијал во државата и која ќе започне да ги менува работите.“

Мицкоски потенцираше дека над 95 проценти се луѓе коишто за прв пат ќе бидат дел од листата којашто ќе ги опфати кандидатите за пратеници.

„На сцена даваме шанса на нова генерација која мора да се избори за подобра иднина. Сакам да им се заблагодарам на досегашните пратеници и воедно ќе посочам дека влеговме во битка каде секој човек е важен. Што се однесува до носителите на листи, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори ќе настапи со две надпартиски решенија. Во првата изборна единица ќе настапиме со професорката, Гордана Силјановска Давкова, а во 5-тата изборна единица со врвниот уметник, Игор Дурловски. Во втората изборна единица носител ќе биде потпретседателот Владо Мисајловски, а во третата изборна единица генералниот секретар Игор Јанушев. Во 4-тата изборна единица носител ќе биде Александар Николоски, и во 6-тата докторката Дафина Стојановска“, рече Мицкоски.