На вечерашната дебата на МТВ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос на ситуацијата со коронавирусот истакна дека власта во мај месец се фалеше дека ја победиле пандемијата,  а само вчера имаме 100-тина новозаразени.

-Власта на крајот од месец мај прогласи победа на пандемијата, а сега во месец јули, само вчера имаше повеќе од 100 новозаразени и неколкумина починати, потсети Мицкоски.

Тој вели дека пред само една недела го имавме рекордот на луѓе коишто се починати, а тоа се 15тина починати.

 -Предвидуваа 2.000 заболени, ние имаме повеќе од 7.000 и повеќе од 380 смртни случаи, пред овие бројки и вистината молчи, критикуваше Мицкоски.

-ВМРО-ДПМНЕ предлагаше мерки уште од 26 февруари, предлагаше сет на мерки во делот на здравствената заштита, како и сет на мерки коишто ќе ги опфатат и економијата и бизнисот и реалниот сектор, рече Мицкоски.

Тој истакна исто така дека не само што мерките биле брутално, примитивно одбиени, туку ниту еден предлог на министерот Наќе Чулев не беше сослушан, а камо ли прифатен, ниту се отворила дискусија за предложените мерки од страна на опозицијата.

Мицкоски потенцираше дека брутално беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за благајничките записи од НБРМ да бидат дестилизирани, односно да се пуштат во оптег преку државни записи или хартии од вредност, да се вратат во банките за да можат со поволни кредити да ги алоцираат во стопанството, во износ од 24 милијарди денари, но власта брутално го одбила истиот предлог.

-За два месеца потоа, Народната банка, претпоставувам под диктат на влладеачкото мнозинство дестилизира отприлика околу 15 милијарди денари од тие благајнички записи, односно тоа се пари кои не ги запишаа како благајнички записи туку им ги вратија на банките и веќе следниот ден ги пласираа на пазарот, вели Мицкоски.

Мицкоски критикуваше дека ваквото самобендисано однесување на власта да се случеше еден месец порано ќе спасеше по некој човечки живот, ќе спасеше по некоја компанија и ќе спасеше по некое работно место.

Тој потенцираше дека во целата оваа корона криза опозицијата се однесувала конструктивно и се обидувала да помогне, затоа што за ВМРО-ДПМНЕ мотив се граѓаните и стопанството, мерките не биле прифатени затоа што власта се грижи само за своите фотелји.