Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски преку статус на Фејсбук пишува дека на СДСМ им помина во навика да ги покачуваат давачките на граѓаните.

-На СДСМ им помина во навика да ги покачуваат давачките на граѓаните. За потсетување на крајот на 2017та година, од СДСМ не уверуваа дека се покачува акцизата на дизел горивото за 3 денари + 0,54 денари ДДВ со цел да сe обезбедат средства за борба со аерозагадувањето. Три години подоцна, пола од мерните станици не работат, а инвертер климите сеуште не се поделени. Дополнително, СДСМ како аргумент ја користеа тезата дека сиромашните нема да го почуствуваат покачувањето затоа што најголемиот дел немаат возила.(се секавате на тие “славни” изјави).

Овојпат повторно се покачува акцизата и тоа на сите типови гориво за 3 денари + 0,54 денари за ДДВ. Во услови кога насекаде, нафтата доживува историски минимум, во Македонија од вчера цената на дизелот и бензите се продаваат по повисока цена. Последиците од ваквото покачување ќе ги чинат граѓаните неколку милиони евра и ќе ги плати секој од нас, безразлика дали имаме или не возило. Горивото го користат производителите и транспортерите кои ја носат храната до маркетите, горивото го користат земјоделците, горивото го користат превозниците на патници итн.

Владата во услови на здравствено-економска криза, прибегнува кон покачување на давачките кои ги плаќаат граѓаните, но истата власт не прибегнува кон скратување на непродуктивните трошоци. Деновиве сме сведоци на наплив на јавни набавки, за ангажирање на агенции за привремени вработувања, преку кои ќе се ангажираат стотици членови на СДСМ во пресрет на изборите. Факт е дека Македонија се соочува со голема криза, но исто така е факт и дека власта не се снаоѓа со управување во време на криза.

Ова е особено евидентно во економскиот сектор, при што во вчерашниот ден кулминираше со изјава за покачување на акцизата од владиниот портпарол, наместо од министерката за финансии или пак вицепремиерката за економски прашања. Силината на ударот од економската криза која ни претстои ќе зависи во голема мера од мерките кои се превземат во изминативе недели и во периодот што престои. Од она што засега го гледаме, економското заздравување нема да биде брзо, со економскиот тим на СДСМ кој се повеќе личи на раштиман оркестар, стои во неговиот пост на Фејсбук.