x

Митревски: Точно, Вардар не е истиот, но тој што ќе го потцени ќе направи голема грешка

fb_img_1602798749037
✍️ Марија Ковачева

Вардар 1961 против Порто на домашен терен утре ќе ја бара втората победа во Лигата на шампионите. Портуалскиот состав оваа сезона покажа дека има квалитет за високи дострели, а низ мечевите на голот блеска македонскиот репрезентативен голман, Никола Митревски.

Тој брзо се адаптираше во составот на Порто, за неговиот квалитет најсвежиот доказ доаѓа од минатото коло. Ги собра сите признанија, ја имаше најдобрата одбрана, се најде во идеалниот состав и беше прогласен за МВП на колото од остана на ЕХФ.

Овие индивидуални признанија секако на секого му годат, но ако го прашате Митревски најважно е тимот да победи, токму тимската игра носи резултати низ сезоната.

„Добро е кога добрата работа на еден натпревар ќе биде препознаена и ќе се добијат индивидуални признанија, но сепак сметам дека ракометот е тимски спорт и само со тимска игра се постигнуваат позитивни резултати во подолг период“, вели Митревски за СПОРТМЕДИА.

Засега тој е задоволен од статусот во Порто, како и минутажата која ја добива на секој натпревар.

„Сосема сум задоволен како сум примен од играчите, од сите во тимот, добивам соодветна минутажа, засега е се во најдобар ред“.

Порто и Митревски денеска со чартер лет ќе пристигнат во Скопје, а веќе утре ќе излезат на мегдан со Вардар 1961. Порто го има триумфот над Пик Сегед и онаа неверојатна партија на нашиот репрезентативец, додека пак Вардар 1961 победата над Флеснбург, кој до гостувањето во СЦ „Јане Сандански“ немаше пораз.

Никола се согласува дека Вардар направи доста промени во составот, но сепак е европски првак, тој и неговиот тим се свесни дека не треба да се потцени во ниту еден момент.

„Без разлика на тоа што екипата е доста променета од изминатите години и не е оној Вардар што беше, сепак Вардар е европски првак, има многу квалитетни играчи, со големо искуство и секој што ќе го потцени ќе направи голема грешка“, вели репрезентативниот голман.

На владина седница и натаму беше продолжена одлуката за играње на мечеви без публика, па Вардар и на оваа средба ќе биде без поддршка. Овој факт Митревски не го гледа како предност за Порто, но сигурен е дека на домашниот тим ќе му фалат фановите.

„Ракометот, но и спортот воопшто се сосема друга приказна со публика и во овој момент без публика. Не знам дали за нас е предност или не, но знам дека на домашната екипа, на играчите им фали поддршка од своите навивачи“.

ПАУЗАТА БЕШЕ ДОЛГА, И ТУКА РАСТЕ БРОЈОТ НА ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19

Спортистите беа на голем удар поради пандемијата коронавирус, можеме да кажеме и натаму истиот прави проблеми во одигрување на мечевите. Митревски вели дека паузата имала свое влијание.

„Долга беше паузата, долго период бевме без тренинг во сала со топка, долг период без натпревар. Како сите останати спортисти на почетокот се чувствуваше таа пауза, иако постојано бев во тренажен процес, но без топка и сала, секако дека не е исто. Стручниот штаб беа свесни за ова, па ни овозможија што побрзо да се вратиме во вистинската форма“.
И во Порто има мерки, и исто како во целиот свет бројките се зголемени.

„Како секаде, така и тука има рестрикции, во затворени простории мора да се носат маски. Иако доста се почитуваат мерките, сепак овој период има зголемување на бројот на позитивни случаеви“.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата