Во обраќање со наслов “НЕКОИ СЕЌАВАЊА НЕ ЗАСЛУЖУВААТ БРУСИЛИЦА”, режисерот Дарко Митревски зборува за напуштањето на една заедничка идеја од страна на режисерите, Александар Поповски и Слободан Унковски и музичарот Ристо Вртев.

Митревски потсетува на нивни заеднички проекти од пред 25 години и вели дека не сака да ги сретне некогаш драгите пријатели затоа што се дел од процесот кој ја уништува Македонија со брусилица.

“Сенешто може човек да си пронајде по дома доколку се охрабри да направи чистење од типот “генералка”.

Испловуваат на виделина разни под тепих забутани работи, меѓу кои и написи од странски весници од пред рамно 25 години…

Првиот е од ARHUS STIFTSTIDENDE, објавен во јули 1994-та година: најава на театарската претстава “1903” (која подоцна ја прекрстивме во “Туку така под облака”, бидејќи некако помила ни беше фантамазгоричната македонска митологија од трагичната македонска историја).

Пиштолот со кој се сликавме не беше никаков фетиш кон оружје. Напротив, станува збор за оригинален NAGANT револвер произведен во почетокот на дваесеттиот век, користен од македонските комити во времињата на Илинденското востание.

Пораката која сакавме да ја испратиме беше: уметничките дела кои ги создаваме се продолжение на вооружената борба на нашиот народ за ослободување, еманципација и афирмација – овојпат со естетски средства.

Вториот е од COPENHAGEN POST, објавен на 10-ти ноември истата година: известување за нашето театарско гостување со детална програма. Фотографијата е снимена во Данска, покрај плакатот со знамето од Кутлеш што го дизајнираа “небањатите” дански домаќини.

Претставата ја режираа Александар Поповски и Дарко Митревски, по музика на Ристо Вртев, во продукција на Слободан Унковски и неговата “Мала станица”.

Некогашни драги пријатели со кои се немам сретнато цел еден век. И да бидам искрен, не ни сакам да се сретнам – откако темелно го избрусија она на “М”.

Фотографиите ги постирам како In Memoriam на една идеја во која тогаш сите верувавме.

Или пак јас сум бил детски наивен, па сум мислел дека сите веруваме.

Како и да е – ај да ги видам ова да го избрусат од колективната наша меморија!”, пишува режисерот Митревски.