Стартот на новите законски решенија со кои боледувањата од матичниот лекар се ограничени до седум дена, “произведе” вистински митинзи на пациенти пред ординациите во Поликлиниката “Јане Сандански” во Скопје, во кои работат лекарските комисии што од пред десетина дена мора да ги “верификуваат” и отсуствата од работа подолги од една недела. Сликата секојдневно се повторува, а меѓу стотиците граѓани кои дефилираат низ неколкуте ординации, не е мал бројот на оние кај кои и на прв поглед се гледа дека се уште се за в кревет. Состојбата дополнително ја комплицира и тоа што во делот на “Јане Сандански”, во кој работат комисиите нема чекална иако меѓу пациентите има луѓе со сериозно нарушено здравје и инвалиди. На ваквите ненормални услови реагираат пациентите, но и медицинарите.
“Ова е нехумано. Во тесниов ходник се туркаме и болни и здрави. Времето веќе е ладно и не може надвор да чекаме. Од друга страна, пак, нема ниту каде да седнеме”, вели средновечна госпоѓа која вчера во раните претпладневни часови фаќаше ред за да и се одобри уште некој ден за тешката настинка што ја влече веќе осум дена. Таа вели дека претходниот ден дошла, меѓутоа кога ја видела толпата што чека ред, веднаш се откажала. Затоа, денес поранила.
“Секојдневно имаме најмалку по 250 осигуреници кои од различни причини се упатени на комисија. Состојбата не беше розова ни порано. Меѓутоа, откако на матичните им ги лимитираа боледувањата во траење до седум дена, станува неиздржливо. Има четири комисии и секоја од нив дневно има најмалку меѓу 60 и 70 пациенти. Невидениот обем на работа е еден проблем. Многу посериозно е тоа што голем број од осигурениците доаѓаат болни, не закрепнати”, ни изјави еден од лекарите кој, сепак, инсистираше на анонимност. Комисиите работат во две ординции, односно две се претпладне, а две попладне. Оваа служба располага и со една просторија за сестрите, како и со нешто што би требало да се нарече архива и магацин. Кон комисиите во “Јане Сандански”, како што велат лекарите, гравитира цело Скопје или третина од Македонија.
Со претходните законски одредби, матичните лекари издаваа боледување до 14 дена. Ваквото решение помина на Собраниската комисија за здравство, но пред да се најде законскиот проект пред пратениците, Владата повторно го врати првичниот предлог и должината на боледувањата на матичните лекари ги ограничи на седум дена.


Ристе НЕДАНОВСКИ