Никој во Македонија не знае на кој начин учениците ќе следат настава, а мајки протестираат затоа што мора се вратат на работа, а нема кој да им ги чува децата, истакна потпретседателот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната собраниска седница.

Покрај тоа, тиј посочи дека иако денеска се зборува за новите заменик-министри, тие не се присутни на седницата на која треба да ги изберат, а Заев во својот говор не кажа ништо повеќе за нив.

„Во говорот на Заев не слушнавме ништо за нив, ниту кои се нивните квалитети, начинот на работа, кои се проектите  што ќе ги водат и за што ќе бидат задолжени. Јас знам дека оваа мафијашка Влада ќе размислува на освета, реваншизам, како да ѝ се загорчи работењето на опозицијата“, истакна Мисајловски во своето обраќање на темата за економијата и за Ковид-19, кои се многу важни, како и за поскапувањето на струјата.

„Дали знаете, господине Заев, дека вечерва пред Владата ќе дојдат мајки кои ќе плачат бидејќи не знаат што да прават со своите дечиња, дали знаете дека тие жени сакаат да се вратат на работа, но не можат. Дали знаете дека тие жени не се виновни, оваа ситуација е вонредна. Додека се одржуваа лидерски средби, знаете многу добро додека се носеше вонредна ситуација, се зборуваше за нови уредби за законот за марихуана. Но, изгледа во овој период се пропушти шанса за овие луѓе. За десетина дена, дечињата треба да почнат на училиште, но никој не знае како и на кој начин во оваа земја дечињата ќе следат настава. Јас ова го зборував и во изборната кампања. Јас имам две дечиња и не знам како тие ќе ја следат наставата“, истакна пратеникот.

Тој во врска со сето ова додаде дека овде има и друг проблем, а тоа е дали приватните компании ќе ги отпуштат од работа оние родители што имаат мали деца и тоа е тема што треба да се реши.

Имено, Мисајловски укажа и на темата дали на Албанците ќе им се даваат субвенции, дали на другите етникуми треба да им се даваат субвенции, при што потенцира дека, според него, оној што е квалитетен треба да добие работа и најдобрите нека се вработат, а не по етничка основа.

извор: Makfax