Економскиот дел од Кабинетот на премиерот Бучковски е во најголема криза досега. Обновен е и до краен степен заострен конфликтот меѓу министерот за финансии Никола Поповски и вицепремиерот задолжен за економија Минчо Јорданов. По заминувањето на бизнисменот Светозар Јаневски, многу веројатно е и заминувањето на потпретседателот на Владата, кој тоа отворено го најавил. Додека премиерот Бучковски за Јаневски веќе нашол алтернација, кај еден од помладите бизнисмени – Илија Гечев, сопственик на ИГМ од Кавадарци, првиот фронтмен на извршната власт од “петни жили” запнува да го задржи Јорданов, кој е на “два ума”.
Според извори блиски до Кабинетот на премиерот, нетрпеливоста која тлее повеќе од една година, експлодирала при последното кроење на Буџетот за 2006 година, откако Поповски никако не сакал да ја напушти матрицата на ММФ и да изврши извесни смалувања на даноците и да ослободи поголем проток на пари кон стопанството и здравството. Во еден момент, дури и Бучковски бил доведен во непријатна позиција со коментар “кој е тука премиер” ако последниот збор како ќе се трошат парите во државата, или дефинитивниот менаџер е министерот за финансии, а не премиерот кој треба да пресече. Јорданов, велат наши извори, го застапувал мислењето за намалување на стапката на данокот од добивка, но повторно “го боцнал министерот за финансии директно во срце” кога ја отворил темата за курсот на денарот, односно потребата од негова поголема флексибилност. Аргументите на Јорданов биле дека во опкружувањето и со регионализацијата во размената не е можно да привлечеме поголеми странски и домашни инвестиции без некој поконкретен стимуланс за домашните извозници и некое даночно олеснување кое го бараат странските компании. За вакви варијанти Поповски не сакала да слушне и Буџетот минал како што мина. Дали Јорданов ќе остане во Владата ќе се знае, велат наши извори во наредните десетина дена, но затоа е се поотворена опцијата за итна реконструкција на Владата.


Виолета ЦВЕТКОВСКА