Како што истакнува, овие средства се инвестирале во нови технологии, во подобрување на вештините на вработените и креирање нова вредност на ниво на компаниите.

– Нашата ориентација како Влада е политиката на ниски даноци и политиката во која приватниот сектор ќе располага со најголем дел од средствата. Основната цел на даночните ослободувања на реинвестираната добивка е во суштина најголемиот дел од паричните средства кои ќе се инвестираат во нова технологија, повторно да се вратат во самите компании, затоа што во приватниот сектор се создава нова вредност преку креирање на производи и услуги, вели Миноски во интервју за „Курир”.

Согласно податоците за 2015 година бројот на фирми кои ја реинвестирале добивката се зголемил за 73,56 проценти во однос на претходната година, а износот на реинвестираната добивка во 2015 во однос на 2014 година се зголемил за 83,34 отсто. Износот на остварената добивка кај овие даночни обврзници се зголемил за 60,80 проценти.

Миноски во интервјуто истакнува дека Владата во изминатиот временски период интензивно работи на неколку приоритети. Главен приоритет претставува креирање нови работни места, што е поврзано со поттикнувањето на инвестициите и тоа има рефлексија на подобрување на животниот стандард на населението.

– За да се искреира раст на приватниот сектор, неопходно е да постои квалитетно деловно опкружување. Владата во изминатите години покажа, а тоа е верификувано и преку низа извештаи од Светската банка дека е посветена на креирање на деловно опкружување кое ќе овозможи побрз раст на приватниот сектор. Во таа насока речиси секоја година преземаме низа мерки со цел унапредување на деловното опкружување, а основната цел на унапредување на деловното опкружување е создавање на подобри услови со кои ќе се поттикнат инвестициите и тоа домашните и странските, вели Миноски.

Миноски истакнува дека целта на оваа Влада е долгорочно и системски да го реши проблемот со невработеноста.

– Интензивно работиме преку низа мерки за поттикнување на развојот на приватниот сектор на менување на структурата на работните места. Најнапред во нашата стратегија како основна цел е креирање работни места кои ќе генерираат поголем број вработувања, меѓутоа следниот приоритет претставува менување на структурата на работните места и привлекување нови работни места кои се подобро платени и подразбираат пософистицирани вештини на работната сила, истакнува Миноски.

Како што додава министерот во интервјуто, на планот на намалување на невработеноста е постигнато многу. Отворени се голем број нови работни места кај странските инвеститори, но и преку активните мерки на Владата на пазарот на труд. Од активните мерки Миноски ги посочува проектите „Македонија вработува” и „Македонија вработува2″ и вели дека нивната основна цел е да се поттикне вработувањето на поодделни целни групи како долгорочно невработени и млади лица.