Порција рижото подготвена со вино го налути турскиот министер за внатрешни работи Осман Ѓунеш и според некои информации било причина за отстранувањето на турски валија од функцијата, пишува весникот “Радикал”.

Министерот Ѓунеш побарал од валијата на областа Мугла, во југозападна Турција, да го организира неговиот престој во градот. Валијата Темел Коџаклар за министерот одбрал луксузен хотел, каде што последната вечер од престојот за јадење било порачано рижото.

На министерот многу му се допаднала храната и од готвачот го побарал рецептот, но кога дознал дека рижотото било подготвено со половина чаша вино, министерот се разбеснил: “Како не ви е срам. Ме натеравте да пијам алкохол”, му се развикал Ѓунеш на готвачот и ја напуштил масата. Кога се вратил во Анкара, министерот потпишал наредба за отстранување на валијата од неговата функција.