Изградбата на нов и современ Универзитетски Клинички Центар треба да придонесе за подобрување на ефективноста и ефикасноста, преку воведување професионално управување во здравствените установи, проширување на планирањето и управувањето со човечките ресурси и воведување квалитет на нега во здравството преку осигурување на квалитет и групирање на сите постојни служби во една зграда во интегриран капацитет, посочуваат од Министерството за здравство по денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која беше прифатен Предлог законот за изменување на Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа, со кој се прекинува Компонентата за изградба и модернизација на КЦ „Мајка Тереза“ од рамковниот договор за заем кај Банката за развој при Советот на Европа.

Од министерството во соопштението додаваат дека моделот на градба ќе понуди соодветна циркулација и функционална поврзаност на сите единици и целини, што ќе придонесе за континуитет во овозможувањето на здравствените услуги, клиничка непосредна поврзаност на услугите и прегрупирање на клучните услуги во еден ист кампус, како и интеграција на наставата и истражувањето во рамки на кампусот, притоа не нарушувајќи ја комфорноста на присутните.

„Преку физибилити студија за дислокација на Универзитетски Клинички Центар–Скопје, изработена со интернационална институционална поддршка од Европската инвестициска банка во 2009 година, утврдено е дека овие цели не може во целост да се постигнат во рамки на постојниот кампус „Мајка Тереза“ од причини, кои се веќе презентирани во студијата и воедно и се познати на пошироката јавност – од достапност на сегашната локација на комплексот клиники, постојна сообраќајна мрежа, чести застои и време на чекање, проблематично движење на возила и пациенти, сe до оддалеченост на различните клинички згради, дотраеност на опрема и објекти. Воедно, преку градење нов блок за клинички центар и групирање на само дел од клиничките болници во еден објект, при што дел сепак остануваат во постојните објекти, не можеме во целост да ги решиме актуелните проблеми“, стои во соопштението на Министерството за здравство.

Како резултат на сето ова, по донесување на одлуката за прекинување на Компонентата за изградба и модернизација на КЦ „Мајка Тереза“ од рамковниот договор за заем кај Банката за развој при Советот на Европа, Владата ги образложи сите факти и аргументи пред надлежните на Банката и по прифаќање на истите од нивна страна, почна процесот на измена на Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа, посочуваат од министерството и додаваат дека по спроведување на преговорите конечно е утврдено дека Рамковниот договор за заем се прекинува без предвидени негативни поени, односно оваа Влада на Република Македонија ги откажува средствата без негативни последици по Буџетот на РМ и граѓаните.

По завршувањето на правно–формалните чекори од оваа постапка, информираат од министерството, ќе биде формирано и тело сочинето од претставници од Европската Комисија во Скопје, Банката за развој при Советот на Европа, како и претставници од надлежните институции од Македонија и експерти од различни профили. Ова тело ќе работи на анализи и проценки, по што ќе бидат презентирани заклучоци за начинот, методологијата, намената и функционалните потреби за проектирање и градба на нов Клинички центар, во едно, согласно европските регулативи.

Истовремено, додаваат во соопштението дека стручни служби и надлежни институции во земјава веќе работат на локација за нов Универзитетски клинички центар која е предвидена во Генералниот урбанистички план на Скопје 2001-2020 година, Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 година, како и со Урбанистичкиот план за четврт ССЗ 01 од Генералниот урбанистички план на Скопје 2012-2022 година.

извор: Makfax