Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски денеска ќе учествува на Конференција за западно-балканската мигрантска рута насловена „Заедничко менаџирање на миграциите” што се одржува во Виена, во организација на министерствата за надворешни и внатрешни работи на Австрија.

Како што соопшти МНР, главни теми на конференцијата ќе бидат разгледување на можностите за унифицирање на начинот на менаџирање на бегалско-мигрантската криза долж Балканската рута, борбата против причините за појава на кризата, начините за подобрување на соработката со трети држави како и подобрување на капацитетите на прифатно-транзитните центри во државите дел од рутата.

Покрај делегацијата од Република Македонија, на настанот ќе присуствуваат и делегации од државите од Западен Балкан, Словенија, Хрватска и Бугарија.

Конференцијата ќе ја отворат министерот за внатрешни работи на Република Австрија, Јохана Микл Лејтнер и министерот за надворешни работи, Себастијан Курц.